• Саше Љолес
Фил Фоден дефинитивно ја игра најдобрата сезона во досегашната кариера. Одличниот офанзивец на Манчестер Сити пред само два дена беше прогласен за најдобар играч во Премиер лигата, a сега со два прекрасни гола го предводи својот тим кон нова титула, четврта во низа.
„Граѓаните“ рано стигнаа до двојна предност на мечот од последното коло против Вест Хем, а токму Фоден беше автор на двата гола, од кои првиот беше навистина спектакуларен.
Англискиот репрезентативец продолжи во исто темпо и подели неколку луцидни топки за своите соиграчи, а потоа се најде во уште една одлична ситуација и без проблеми вторпат го совлада голманот Ареола.
Манчестер Сити е на одличен пат да ја освои шампионската титула во Премиер лигата и да го одбрани тронот во англискиот фудбал.