„Луда“ идеја на Инфантино: На стогодишнината од Мундијалите со 64 репрезентации!

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изнесе нова „луда“ идеја која ги заинтригира фудбалските фанови ширум светот. 

Познато е дека следното Светско првенство ќе има вкупно 48 земји-учеснички, а сега Инфантино предлага Мундијалот во 2030 година да брои дури 64 репрезентации! Идејата се состои во тоа што ФИФА сака масовно да ја одбележи стогодишнината од првото Светско првенство, а се чини дека и националните тимови не би се противеле на овој формат. 

На овој начин би се отворило место за репрезентации кои никогаш порано не учествувале на најелитната сцена, а тоа секако ќе привлече уште поголем интерес ширум целата планета. Засега оваа идеја само се разгледува, но нема да биде чудно ако истата се реализира. 

Светското првенство во 2030 година ќе се одржи во Мароко, Шпанија и Португалија, а според планот, три натпревари треба да се одиграат во Уругвај, Аргентина и Парагвај. Досегашниот формат на Мундијалите броеше 32 екипи, но следната година ќе гледаме поинаков формат.