Луда идеја на Атлетико, бара од Баерн Минхен да го изигра Реал Мадрид за Џејмс Родригез!

Џејмс Родригез сигурно нема да остане во Баерн Минхен, зашто Баварците немаат намера да го откупат договорот од Реал Мадрид после двегодишната позајмица и фудбалер од средниот ред ќе мора на крајот од сезоната да се врати на „Сантијаго Бернабеу“.

Сепак, Колумбиецот нема долго да се задржи во Мадрид, бидејќи токму Зидан во минатиот престој на клупата се откажа од неговите услуги, а нема да смета на него и во својот нов ангажман на клупата на Реал Мадрид. Последен клуб, кој е заинтересиран за Родригез е Атлетико Мадрид, но за да се реализира тој трансфер се чини дека клучната улога повторно ќе треба да ја одигра баварскиот гигант.

Имено, Атлетико Мадрид има луда идеја и од Баерн Минхен бара да го откупи договорот на Колумбиецот за 42 милиони евра, колку што е предвидено со договорот за заем, а потоа да им го продаде за 60 милиони евра. Ваков случај е познат кај „јорганџиите“, бидејќи во минатото го натераа Лас Палмас да го откупи Витоло од Севиља, а потоа тие го купија од клубот од Канарските острови. Воедно, со ваква зделка Баварците би биле во ќар 18 милиони евра за фудбалер, кој во моментов не е нивна сопственост.

27-годишниот Родригез во Баерн запиша 43 натпревари, на кои постигна 14 гола, а до заминувањето на позајмица, со тимот на Реал Мадрид успеа да освои две европски круни.