ВИДЕО: Луд пресврт во Ријад – Милан со гол од пенал и автогол го сруши Јуве

Екипата на Милан е вториот учесник во финалето на Суперкупот на Италија. Во вечерашното второ полуфинале „росонерите“ по луд пресврт го срушија Јувентус и во натпреварот за титулата ќе го предизвикаат градскиот ривал Интер, кој вчера беше поуспешен од Аталанта.

  • Извештај од натпреварот:

Португалскиот стратег Серџо Консеисап уште на своето деби се соочуваше со сериозни проблеми во склопувањето на првиот тим. Поради повреди во Ријад не отпатуваат Леао, Лофтус-Чик, Окафор, Флоренци и Чукувуезе, па нападот на „росонерите“ беше видно ослабен. Но, Милан имаше и проблеми со организацијата на играта, па Јувентус го искористи тоа во првиот дел и на полувреме замина со предност од 1-0. Турскиот ас Кенан Јилдиз, кој по пауза од еден натпревар се врати во стартниот тим на Мота, во 21. минута одново ги покажа своите напаѓачки квалитети и со атрактивен погодок, по додавање ба Кефрен Турам, ѝ донесе водство на својата екипа од 1-0.

На стартот од вториот дел поранешниот предводник на Порто мораше да менува во својот тим. Во игра ги внесе Абрахам и Јунус Муса, но на теренот одново целосна контрола имаше „старата дама“. Но, една голема грешка на Локатели драстично ги промени настаните на натпреварот. Се играше 70. минута кога италијанскиот репрезентативец непотребно го фаулираше Мората во казнениот простор и Милан доби најстрога казна. Сигурен реализатор на пеналот беше Кристијан Пулушиќ за израмнување на 1-1. 

Само пет минути по погодокот на американскиот ас, следуваше нов шок за гигантот од Торино. Муса повлече по десната страна и центрираше, а топката од Федеријо Гати заврши зад грбот на Де Грегорио и Милан со многу среќа стигна до предност од 1-2. До крајот на средбата фудбалерите на Консеисао искусно го сочуваа водството и дебито на новиот тренер го крунисаа со пласман во големото финале, кое на програмата е в понеделник.