ВИДЕО: Луд меч во Кавадарци – два спорни моменти, два црвени картони и реми на Тиквеш и Гостивар!

Екипата на Гостивар прокоцка нова победа во ПМФЛ, откако на натпреварот во Кавадарци против Тиквеш имаше водство од еден гол и двајца играчи повеќе во поле, но не го сочува и домаќинот со голот на Иван Ивановски во 92. минута стигна до огромен бод (2-2).

Стартот на натпреварот донесе големо возбудување пред гостинскиот гол. Јасар грешно го процени летото на топката, но Стоименовски за малку задоцни и резултатот остана непроменет. Но, само за кратко. Во 12. минута најголемото летно засилување на Гостивар, Потук ја затресе пречката од слободен удар, а во мешаницата пред домашниот гол најдобро се снајде Абдула и го совлада Димовски за 0-1 за гостите. По примениот гол Тиквеш се разигра и созаде неколку посериозни шанси пред голот на противникот, но на нов погодок одново се радуваа гостите. Ако првиот гол на новајлијата во ПМФЛ беше чист како „солза“, вториот донесе многу незадоволство кај кавадаречката публика.

Имено, во 30. минута Гостивар доби најстрога казна од прекршок кој според домашните фудбалери и навивачи бил непостоечки. Протестите започнаа на терен, откако фудбалерите на Тиквеш го заобиколија главниот судија, но одлуката не се промени. Откако Атимвен погоди од белата точка, следуваа нови протести во Кавадарци, но овој пат од присутната публика, која видно незадоволна од судиската одлука реагираше жестоко.

Линискиот судија го напушти своето место и натпреварот во Кавадарци за момент беше во прекин. Откако се смирија страстите натпреварот продолжи, а до крајот на полувремето Тиквеш преку Спахиу успеа да го намали водството на противникот и на полувреме се замина со 1-2. Домашниот офанзивец одлично му побегна на противничките дефанзивци и со сигурна реализација го врати својот тим во игра.

Во второто полувреме очекувано доминација имаа фудбалерите од Кавадарци. Тиквеш сакаше да го искористи добриот момент од финишот на првото полувреме и да му зададе нов удар на Гостивар. Сепак, гостинот како да беше подготвен за такво сценарио и одлично одговараше на сите закани. Во 71. минута следуваше нов удар за „црвените“, откако Фетаи поради втор жолт картон го напушти теренот. Но, тоа не беше сè кога во прашање се проблемите на домашниот тим, бидејќи во самиот финиш патот кон соблекувалната му беше покажан и на Стоименовски, па Тиквеш со деветмина го доигра натпреварот.

И кога се очекуваше крај на натпреварот - се случи чудо во Кавадарци. Во 92. минута Ивановски го најде патот до противничкиот гол и на својот тим му донесе голем бод (2-2). Но, и овој погодок ќе биде предмет на дискусии во фудбалската јавност, затоа што стрелецот Ивановски се наоѓаше во недозволена позиција при реализацијата.