ВИДЕО: Луд финиш на „Писхуан“, Севиља во 93. минута се спаси од пораз од Еибар

Фудбалерите на Севиља експлодираа во вистински момент и носени од своите фанови на „Рамон Санчез Писхуан“ стигнаа до голем бод во судиското надополнување против тимот на Еибар (2-2).

Избраниците на Пабло Манчин одиграа квалитетен натпревар, доминираа речиси во сите 90 минути, но тотално потфрлија во нападот. За разлика од Севиља, гостите беа хируршки прецизни и максимално ги искористија своите шанси, но доживеаја вистински шок во последните минути, кога домаќинот се врати од мртвите и со играч помалку запиша голем бод на своето конто. 

По нереализираната шанса на Сарабија, Оралења во 22. минута го пронајде вистинскиот пат кон мрежата на Севиља и донесе водство за Еибар од 0-1. Идентична беше ситуацијата и во вториот дел, кога домаќините повторно доминираа и креираа шанси, но гостинот преку Чарлес беше тој кој повторно ја затресе противничката мрежа, за сигурни 0-2. 

Нервозата по новиот примен гол владееше во редовите на Севиља и искусниот Банега заработи црвен картон, но на терен делуваше како домаќините да имаат играч повеќе и со тотална доминација успеаја да постигнат два гола за конечни 2-2. Големата радост на домашните фанови им ја донесоа Бен Једер и Сарабија во 88. односно 92. минута.

Во следното коло Севиља го игра дербито со Виљареал, додека Еибар пред своите гледачи ќе се судри со Хетафе.