ЛШ ОСМИНАФИНАЛЕ: Најдобриот Јунајтед сезонава ја пречекува ранливата одбрана на Севиља

Јунајтед и Севиља

Вечерва се играат два нови реванш натпревари во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), а во поинтересниот од нив, Севиља ќе гостува во Англија кај Манчестер Јунајтед. Првиот меч на „Рамон Санчез Писхуан“ заврши без голови, најмногу благодарение на одличниот Давид де Хеа, кој спаси неколку зицери и ја сочува својата мрежа.

Андалузиската екипа ќе има тешка задача на „Олд Трафорд“ каде е многу тешко да се постигне гол, а не пак да се победи против Јунајтед. Во 20 меча оваа сезона, само Манчестер Сити успеа да си замине со цел плен. Фудбалерите на Жозе Мурињо имаат скор од 46 постигнати и само 10 примени гола пред својата публика, односно ја вадат топката од мрежата по еднаш на секој втор натпревар.

„Црвените ѓаволи“ доаѓаат на овој меч во одлична форма и со победа во најголемото англиско дерби против Ливерпул. Маркус Рашфорд го игра најдобриот фудбал оваа сезона, а започнува да функционира врската Ромелу Лукаку и Алексис Санчез. Ако се земе предвид дека гостите од Шпанија ја имаат една од најлошите одбрани во домашното првенство со 42 примени гола, може да се каже дека тимот на Мурињо би требало да има лесна задача да стигне до зацртаната цел.

Во пресрет на дуелот, фановите на Јунајтед добиваат само добри вести. Ентони Марсијал и Златан Ибрахимовиќ започнаа со тренинзи, исто така и Пол Погба, а Маруан Фелаини би можел да се избори за место во стартната постава вечерва. На спротивната страна, Хесус Навас е исклучен од настап поради повреда и ќе биде единственото значајно отсуство во тимот на Севиља.

Ако се погледне традицијата, Манчестер Јунајтед се мачи кога игра против шпански екипи, но на последниот двобој против Селта во полуфиналето од Лига Европа минатата сезона одигра 1-1 и со вкупни 2-1 обезбеди пласман во големото финале. Премиерлигашот е изразит фаворит за пласман во четвртфиналето и секој друг исход би бил големо изненадување.

ОЧЕКУВАН РЕЗУЛТАТ: Манчестер Јунајтед - Севиља 2-1