ЛШ 2019/20: Баерн ѝ даде осум гола на Барса, па го среди ПСЖ за историска корона-титула

Најдолгата сезона во Лигата на шампионите заврши со победа на Баерн Минхен, кој беше најуспешен на првата турнирска завршница која се одржа во Лисабон.

Германскиот гигант покажа доминација како никој друг и стана прв шампион кој победил на сите натпревари на патот до титулата. Поради пандемијата со коронавирусот натпреварувањето беше прекинато во април и продолжи дури во август. УЕФА долго време работеше за да пронајде безбедни услови и да им овозможи на најдобрите екипи да се борат за престижниот трофеј.

Групната фаза не донесе некои големи изненадувања, со елиминации на тимови како Интер, Ајакс, Баер Леверкузен... Најголем подвиг направи Атлетико Мадрид кога во првата нокаут фаза го елиминира бранителот на титулата Ливерпул, со перфектно издание на гостувањето на „Енфилд“. Лион исто така изненади на двомечот со Јувентус, Реал Мадрид ги заврши настапите против Манчестер Сити, а Челзи доби фудбалска лекција од подоцна европскиот првак предводен од Хaнси Флик.

Следуваа четвртфиналиња кои се играа зад затворени врати на „Да Луж“ во Лисабон. Новите услови за игра ги искористи РБ Лајпциг за да се избори за историско полуфинале на дуелот со Атлетико Мадрид, а уште поголема сензација приреди Лион во судирот со Манчестер Сити и Пеп Гвардиола. ПСЖ ја оправда фаворитската улога и ја среди Аталанта, а вистински срам и историски пораз доживеа Барселона против Баерн, примајќи дури осум гола во својата мрежа.

Помалку возбудувања имаше во полуфиналните пресметки, во кои ПСЖ и Баерн не дозволија нови грешки и закажаа финале. Човек на одлука во мечот за титула беше Кингсли Коман кој го постигна единствениот погодок вреден европска титула за Баварците. Двајца фудбалери ја завршија сезоната со двоцифрен број голови и тоа Роберт Левандовски (15) и Ерлинг Халанд (10).

Новата 2020/21 сезона започна подоцна од нормалниот термин. Може да се каже дека натпреварите во групите не донесоа изненадувачки резултати, со исклучок на елиминацијата на Манчестер Јунајтед кој во остатокот од сезоната ќе се натпреварува во Лига Европа. Ждрепката на 14 декември донесе неколку интересни нокаут дуели, а меѓу нив се истакнуваат судирите Атлетико Мадрид - Челзи и Барселона - ПСЖ.

Доколку сè оди според планираното, новиот шампион ќе биде познат на 19 мај наредната година, по финалето на стадионот „Ататурк“ во Истанбул.