ЛШ 2019: Ливерпул со шеста титула, сезона во знакот на Ајакс, пресвртите, доцните голови...

Изминатата сезона во Лигата на шампионите помина во знакот на Ливерпул. По долго време, поточно по епската вечер во Истанбул во 2005 година, премиерлигашот се израдува на трофејот и тоа со сигурна победа против Тотенхем на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.

Турнирот е еден од подобрите во последните неколку години, кој ќе остане запаметен по одличната низа и игра на Ајакс, големиот број пресврти и безбројните херои.

Холандскиот гигант го направи првото големо изненадување и се израдува на пресврт против бранителот на тронот Реал Мадрид. Манчестер Јунајтед го шокира ПСЖ, а потоа на ред дојде Јувентус и херојството на Кристијано Роналдо против Атлетико Мадрид.

Секако за издвојување е полуфиналната пресметка меѓу Ливерпул и Барселона. Каталонците обезбедија 3-0 на домашен терен и се чинеше дека се блиску до нова финална пресметка. Но, така не мислеше и тимот на Јирген Клоп, кој постигна четири гола на „Енфилд“ и ја направи една од најголемите сензации во поновата историја на натпреварувањето. 24 часа подоцна, Тотенхем го направи истото и во феноменален меч против Манчестер Сити успеа да се пласира во полуфиналната фаза.

Фудбалерите кои најмногу ја шокираа фудбалската јавност, секако на позитивен начин, се Душан Тадиќ, Дивок Ориги и Лукас Моура. Србинот беше вистински лидер на „копјаниците“ во европската сезона од соништата. Напаѓачот на шампионската екипа на Клоп беше човекот на одлука против каталонската екипа на патот до финалето, каде исто така се запиша во листата на стрелци, а Бразилецот во средниот ред на „петлите“ се истакна со извонредните настапи против Ајакс и Сити.

Сезоната 2018/19 донесе најмногу голови постигнати во доцните периоди од натпреварите. Дури 70 погодоци беа реализирани во завршните десет минути од дуелите. Тоа е за 11 повеќе од минатогодишното издание на Лигата на шампионите. 

Новата сезона веќе е на половина, со оглед на тоа што заврши групната фаза. Поголемиот дел од фаворитите си ја завршија работата и обезбедија пласман меѓу најдобрите 16 екипи. Во нокаут фазата нема да ги гледаме Интер и Ајакс, кои се најзвучни ривали кои ќе ги продолжат настапите во Лига Европа.

Меѓу најголемите кандидати за „долгоушкото“ во мај 2020 година се споменуваат Ливерпул, Манчестер Сити, ПСЖ, Баерн Минхен, Барселона...