• Саше Љолес
Екипата на Лион доживува тешки и исклучително кризни моменти. „Лавовите“ се последнопласирани во Лига 1 и се главни кандидати за испаѓање од елитата, а околу ужасната атмосфера во тимот зборува и хрватскиот дефанзивец, Дејан Ловрен.
Навивачите се многу разочарани од изданијата на своите миленици кои досега забележаа само еден триумф, а Ловрен вели дека ова е веројатно најлошиот тим во кој некогаш играл.
„Ова е најлоша екипа на Лион во последните години и најлоша во која сум играл. Мораме да се запрашаме каде одиме, затоа што очигледно е дека имаме огромни проблеми. Зборувавме сите меѓусебе после поразот од Марсеј, но нема да откријам повеќе детали.
Знам дека имаме квалитет да бидеме многу подобри и се надевам дека ќе го докажеме тоа. Нашите навивачи не заслужуваат ваков однос и искрено сакам да се поправиме многу набрзо“, изјави Ловрен.
Лион беше седумкратен првак на Франција од 2002 година наваму. Важи за еден од најславните клубови во таа земја, но ситуацијата во која се наоѓа е навистина незавидна. Ниту еден клуб (од 1948 година) кој имал само седум бода во оваа фаза од првенството, не се спасил од испаѓање на крајот од сезоната. Останува да видиме дали „Лавовите“ ќе бидат можеби првите што ќе го докажат спротивното.