• Мартин Танасковски
Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец, Илчо Наумоски, направи ново поглавје во својот живот и издаде автобиографија во Австрија поврзана со својата кариера.
Моментите се претежно од австрискиот фудбал додека беше член на Матерсбург, а исто така има и лични детали околу тоа зошто не направил трансфер во Рома, казните и бонусите за картони во Бундеслигата, Јирген Клоп, зошто не оди на кошаркарски натпревари во Србија...
Во моментов, автобиографијата на Наумоски која го носи името „Илчо Наумоски - последниот искрен тип во Бундеслигата“ е издадена на германски јазик. На промоцијата беа издадени 380 книги, а бројката е симболична - Македонецот имаше толку мечеви во кариерата.
Прилепчанецот ја заврши кариерата во 2014 година во Вардар, а покрај за Матерсбург каде остави најголема трага, играше и за Интер Баку, Катанија, Малатијаспор, ГАК. За репрезентацијата на Македонија, има 46 натпревари и девет постигнати гола.
По крајот на кариерата Наумоски работи како тренер. Моментално е во Австрија.


