Лошите први полувремиња беа кобни, може ли Македонија да игра поинаку?

МКД насловна

Македонската фудбалска репрезентација ги загуби првите два натпревари на Европското првенство, од Австрија и Украина. Иако избраниците на Игор Ангеловски имаа светли моменти во играта, не успеаја во двете средби да освојат ниту бод.

Ако австрискиот селектор, Франко Фода, ги погоди замените и Арнаутовиќ и Грерогич ѝ пресудија на Македонија, вчера против Украина со два „ефтини“ голa ривалот убедливо поведе во првиот дел. Ангеловски го смени системот, бидејќи немаше што повеќе да се загуби, а тоа вроди со плод, па ако ништо друго, Македонија напаѓаше, беше храбра и даде гол, можеше и повеќе, ама не успеа.

Сепак, како главен фактор кој можеби ги одлучи натпреварите беа двете први полувремиња против Австрија и Украина. Иако во првото коло Македонија имаше егал, јасен беше почетниот шок и притисок на деби настапот на континенталното првенство. Од друга страна, против Украина одигравме полувреме за заборав, бидејќи освен двата примени погодоци, Македонија не изгледаше добро и имаше проблеми.

Можеби проблемот кој ги „гонеше“ хероите на нашата репрезентација беше проблем во формацијата, главно измената на природните позиции на Стефан Ристовски и Бобан Николов, а со тоа се играше премногу дефанзивно. Иако двајцата играат одлично на своите места, селекторот се реши за системот против Германија, но очигледно Австрија и Украина ги научија лекциите. Во двете средби селекцијата на Македонија одигра респектабилни втори полувремиња, особено вчера бидејќи конечниот исход можеше да биде поинаков.

Нашата селекција повеќе нема шанса за осминафинале, но убаво би било барем да се брка победа на тешкото гостување во Амстердам, а ако Ангеловски тргне со идеја како во вторите полувремиња со Австрија и Украина и не се брани, тогаш сè е можно...