• Саше Љолес
Норвешката репрезентација одигра пријателски натпревар со Фарските Острови и забележа победа со резултат 2-0, но по мечот се појавија информации кои ги загрижуваат сите навивачи, особено оние на актуелниот европски шампион, Манчестер Сити.
Првата ѕвезда на тимот, Ерлинг Халанд, влезе во игра во второто полувреме и го одигра натпреварот до крајот, но во завршните минути ја обнови повредата на зглобот, а доказ за тоа беше и болниот израз на неговото лице. Докторите во репрезентацијата по натпреварот изјавија дека „зглобот на Халанд е ранлив“, но не се знае дали и колку ќе отсуствува од терените.
„Таа повреда е незгодна и многу боли, но болката бргу исчезнува. Рано е да зборуваме за состојбата на зглобот, прво да ги минеме сите прегледи, па потоа ќе излеземе со соопштение“, изјави главниот лекар во норвешкиот национален тим, Оле Санд.
Многумина се прашуваат зошто Халанд морал да настапи на меч кој нема никакво резултатско значење, а најжестоки во реакциите се дел од навивачите на Манчестер Сити, кои на социјалните мрежи пишуваат дека тимот може да биде во големи проблеми ако напаѓачот биде надвор од стројот подолго време. Првата повреда на зглобот Ерлинг Халанд ја доживеа пред скоро две недели на натпреварот со Борнмут, па сега сите се надеваат дека ситуацијата нема да биде драматично влошена.