Лоши вести за Оле и „ѓаволите“: Игало во јуни го напушта Јунајтед?

Иако се очекуваше дека Одион Игало ќе ја продолжи својата соработка со Манчестер Јунајтед, денес Оле Гунер Солскјер и раководството на клубот добија лоша вест поврзана со искусниот напаѓач. Наводно, тимот на Шангај го известил Нигериецот дека треба да го испочитува првичниот договор и на први јуни да се врати во Кина

Манчестер Јунајтед и Шангај во јануари си подадоа рака за четиримесечна позајмица на Игало, која „ѓаволите“ ја чинеше четири милиони евра, а сега без разлика на ситуацијата со корона-кризата, кинескиот клуб не сака да попушти и веќе од следниот месец сака да го добие својот напаѓач во ростерот на тимот. 

Игало беше вистинско освежување во нападот на Јунајтед во вториот дел од сезоната во Премиер лигата и неговото „предвремено“ заминување сигурно ќе биде голем удар за англискиот гигант, затоа што ќе остане само со еден напаѓач, Маркус Рашфорд

До крајот на сезоната во Премиер лигата треба да се одиграат уште девет кола, а Јунајтед заедно со Челзи, Тотенхем и Лестер Сити ќе води битка за местата кои идната сезона водат во Лигата на шампионите.