Лоши резултати не се толерираат, падна третата тренерска „жртва“ во Примера

Во шпанската Примера падна и третата тренерска „жртва“ сезонава. Реал Сосиедад одлучи да му врачи отказ на тренерот Серхио Франциско поради слабите резултати на стартот од првенството.

Екипата освои само 16 бодови во 16 одиграни кола и се наоѓа опасно блиску до зоната за испаѓање, на само два бода од дното на табелата. Последниот пораз на домашен терен од Џирона со 1-2 беше пресуден за одлуката на клупското раководство, особено бидејќи тоа беше трет последователен неуспех во шампионатот.

До изборот на нов шеф на стручниот штаб, тимот привремено ќе го води тренерот на резервниот состав, Ион Ансотеги, кој ќе биде на клупата во наредните натпревари во првенството и Купот.

Ова е трет тренер кој доби отказ во Ла Лига оваа сезона, што уште еднаш потврдува колку конкуренцијата во шпанскиот шампионат е жестока и колку малку клупските управи имаат трпение за слаби резултати.