• Сашо Поповски

Очајната форма на Волфсбург продолжи на гостувањето кај РБ Лајпциг (2-0) во рамките од 20. коло од Бундеслигата.
- Извештај од натпреварот:
„Волците“ предводени од Флориан Кохфилд одново беа рамо до рамо со противникот, но на крај го напуштија теренот со празни раце. Домашните фудбалери беа упорни во својата намера и постигнаа два погодоци во завршницата од мечот.
Се играше 76. минута кога Вили Орбан собра отпадок и со глава го смести во противничката мрежа. Немаше многу време за реакција од страна на гостинскиот тим, кој беше во шок поради случувањата на теренот. До крајот и Јошко Гвардиола со лоб удар ја затресе мрежата на ривалот, па се радуваше неколку минути подоцна, откако ВАР-технологијата покажа дека немало офсајд при акцијата за потврда на победата.
Лајпциг го поправа впечатокот од почетокот на сезоната и скокна на местата кои носат излез во Европа. Волфсбург, пак, ако продолжи вака да игра до крајот ќе се бори за да остане во елитното друштво во германскиот шампионат.