• Саше Љолес

Иако се поврзуваше со преземање на италијанскиот гигант, Милан, Шпанецот Јулен Лопетеги од денес е нов тренер на англискиот премиерлигаш, Вест Хем.
Информацијата ја потврдија и од управата на „чеканите“, од каде му посакаа топло добредојде на новиот предводник кој ќе има тешка задача низ премиерлигашките предизвици.
„Со задоволство го најавуваме пристигнувањето на Лопетеги. Тој е искусен стратег кој многу ќе ни помогне во следните сезони. Навивачите се задоволни, а ние се надеваме дека го направивме вистинскиот избор“, стои во краткото соопштение од Вест Хем.
Лопетеги изрази задоволство од ангажманот и им порача на фановите дека Вест Хем ќе биде силен во следната сезона, а воедно вети и борба за излез во евро-куповите.
„Благодарен сум на управата што одлучи да ме ангажира. Вест Хем е славен клуб, кој има долга историја и неверојатни навивачи. Ќе дадам максимум од моите способности за да бидеме успешни и се надевам дека следната сезона ќе обезбедиме излез во Европа“, рече новиот тренер.
Јулен Лопетеги ја започна тренерската кариера во Рајо Ваљекано, а потоа беше предводник на Порто, Реал Мадрид, Севиља и Вулверхемптон. Беше и селектор на шпанската репрезентација, а претходно работеше и во младинските категории на „фуријата“.