• Иван Димовски
Фудбалерите на Челзи и Арсенал одиграа нерешени 1-1 (0-0) во рамките на 11. коло на Премиер лигата. Лондонското дерби на „Стемфорд Бриџ“ не понуди многу возбудувања во првиот дел, потоа „топчиите“ поведоа, но неиздржаа и домаќинот стигна до израмнување и потоа бод.
- Извештај од натпреварот:
Средбата тргна со добра шанса за Челзи, а прв се закани Кол Палмер и изнуди одбрана од Раја. По него обид имаше и Мало Густо со глава од непосредна близина. Најзрелата можност беше на спротивната страна, Мартинели излета сам и биеше по средината во голманот Санчез. Успеа Арсенал да постигна гол во првиот дел преку Каи Хаверц. Сепак, славјето го прекина повикот од ВАР собата и се потврди дека има офсајд.
Вториот дел понуди уште подобро темпо. Поконкретни на стартот беа „сините“ и се заканија во неколку наврати. По еден час игра Арсенал стигна до предност. Овојпат немаше недозволена позиција, Едегард перфектно испрати топка преку одбраната, а Габриел Мартинели добро ја прими, се намести и погоди во поблискиот агол за 0-1. Радоста на четата на Арсенал траеше релативно кратко, бидејќи веќе во 70. минута домашните израмнија (1-1). Фернандез му додаде на Педро Нето, овој повлече кон средината каде што имаше доста простор, па со одличен удар од околу 20 метри го матира Раја.
Пех за Арсенал во финишот беше повредата на Букајо Сака кој беше заменет пред финишот. И покрај тоа имаа гостите две колосални шанси за да дојдат до победата, но Тросар во првата биеше над голот, а во втората исто така Белгиецот беше непрецизен.