• Иван Димовски
Македонскиот интернационалец Љупчо Дориев ја продолжи верноста кон узбекистанскиот клуб Согдиана и потпиша нов договор со клубот до крајот на 2030 година.
Клубот од Џизак ја потврди веста преку официјално соопштение, истакнувајќи дека Дориев е еден од најважните фудбалери во тимот во последните сезони. Македонскиот офанзивец пристигна во Согдијана во летото 2023 година и брзо се наметна како лидер на екипата. Во дресот на узбекистанскиот клуб досега одигра 74 натпревари во првенството, постигна 38 гола и забележа 21 асистенција, бројки кои го вбројуваат меѓу најдобрите странски играчи во лигата.
Дориев кариерата ја започна во Брера Струмица, а потоа настапуваше за Хоризонт Турново, Академија Пандев и Шкендија. Во тетовскиот клуб ги бележеше најдобрите партии во македонскиот фудбал, по што се пресели во Узбекистан. Зад себе има и настапи за македонската репрезентација.
Договорите на четири години не се чест случај, особено за македонските фудбалери. Со овој потег Согдиана јасно му укажа на Дориев колку верба има во него и колку го цени.
