• Иван Димовски
Женскиот македонски фудбалски првак Љуботен со 2-0 (1-0) славеше во дуелот на поразените на квалификацискиот турнир во Лигата на шампионките против Кардиф. Пресметката на „Спортспарк Шурсерв“ во Еншеде ѝ припадна на нашата екипа.
Македонската репрезентативна Хафа Мустафа беше двоен стрелец против ривалките од Велс. Таа го отвори резултатот во 38. минута (1-0) по асистенција на Видал, а потоа долго време мрежите мируваа. Вториот погодок за точка на победата на Љуботен, Мустафа го постигна во 93. минута од средбата.
Ова беше прва победа на женски македонски клуб во Лигата на шампионите по пауза од 12 години. Тогаш Наше Такси во групната фаза на натпреварувањето со 5-2 го совлада Сконто.
Оттогаш четири пати во елитата играше Драгон, Љуботен го имаше третиот настап, двапати настапи Саса, а по еднаш Билјанини Извори и Кочани.