• Горан Упале

Бранителот на Куп-титулата, битолски Пелистер, со видно изменет состав го започна вториот дел од сезоната на ПМФЛ, но сепак, на гостувањето кај Победа успеа да обезбеди бод, кој може да биде најава дека и „новиот“ изглед на тимот има квалитет да обезбеди прволигашки статус идната сезона.
Денес, пелистерци го играат првиот домашен натпревар против Работнички, а еден од фудбалерите кој им остана верен на „зеленo-белите“ оваа зима, Петар Љамчевски, за нашиот медиум изјави:
„Нè очекува тежок натпревар, на секој од нас ни се познати квалитетите на Работнички. За нас секој меч и секој освоен бод е од големо значење. Можеби Работнички е благ фаворит, но со оглед на тоа дека играме пред домашната публика, која секогаш нè бодри, ќе имаме мотив плус и ќе дадем сè од себе за бодовите да останат во Битола. За противникот имаме максимален респект, но Пелистер не се предава така лесно“, ни изјави битолскиот играч за врска.
Натпреварот кој се игра на „Тумбе Кафе“ е закажан за од 14.00 часот, а главен судија ќе биде Стојанов од Штип.