Љамчевски го зацврсти Пелистер на врвот, пораз на Дрита во Кичево

Паднаа 11 гола на петте натпревари од осмото коло на ВМФЛ-Запад, а битолски Пелистер најмногу профитираше и овој викенд. „Зелените“ на Дарко Крстески го совладаа Кадино со 2-0 (1-0) и уште повеќе се одлепија на врвот со оглед на поразите на Лабуништа и Дрита. 

Битолчани брзо се заканија преку Главевски и Бошковски, но до водство чекаа повеќе од половина час. Во 32. минута Љамчевски убаво пласираше со левата нога од позиција на напаѓач по десната страна и Антонио Ивановиќ беше немоќен (1-0). 

Одличен беше домашниот голман Трајчевски кој двапати му одбрани удари на Десниќ, првиот на крајот од првиот, а вториот на почетокот од вториот дел. Кадино беше подобар ривал во поле во вториот дел, но без сериозни закани по битолскиот гол. 

Најголемата шанса ја имаа Главевски и Маневски, кои излегоа сами пред Ивановиќ, но гостинскиот голман им одбрани зицер во 75. минута. Маневски се обиде со глава во 85. минута, по центрашутот на Неданоски, но неговиот удар заврши крај дирекот. Победата ја потврди Дарко Анѓелески со ефектен гол со глава во 90. минута по одличниот центрашут на Благоја Љамчевски.

На дербито во Дебар меѓу Кораб и Лабуништа, победата остана во домашниот табор (2-1). Дебарчани поведоа со голот на Расими уште во шестата минута, а во последната минута од првиот дел Сунај израмни на 1-1. Голот за големи три бода за домаќините го постигна Егзон Азири во 63. минута. 

Гостивар и Вардар Форино играа без победник, 2-2, резултат кој повеќе им одговара на директните конкурентни, отколку на овие два тима. За домаќините погодија Алили и Садики (автогол), а за гостите Алији и Бекир. 

Со голот на Албулен Имери по еден час игра, Велазерими во Кичево го совлада новиот второлигаш Дрита со 1-0. Охрид Лихнидос и Скопје долго време играа без голови, но Игор Клечкароски од пенал во последните мигови го постигна голот за победа од 1-0 и прв второлигашки триумф на охриѓани. 

Пелистер е лидер со 19 бода, пред Дрита со 15 и Лабуништа со 14 бода. Следното деветто коло се игра следната недела од 14:30 часот.