• Саше Љолес
Помошникот-тренер на Струга Трим Љум, Башким Ливорека, во разговор за клупскиот веб-сајт ги изнесе своите гледишта за натпреварот против Тиквеш во ПМФЛ, каде стружани извојуваа минимална победа над актуелниот Куп-освојувач.
Струга им се врати на победите по ремито со Шкендија и поразот од Силекс, а Ливорека смета дека мечот со Тиквеш бил тежок, но победата заслужено заминала кај нив.
„Денешната победа беше повеќе од заслужена, особено ако се земе предвид дека тимот на Тиквеш беше во ситуација по секоја цена да бара победа или барем да не го загуби натпреварот.
Во таква ситуација натпреварот се покажа не толку убав и без многу прилики за гол, сепак на крајот се важни бодовите и победата. Среќен сум што се вративме дома со целиот плен и се надевам на позитивни резултати во иднина“, рече Ливорека.
Струга Трим Љум стигна до 19 бода на првенствената табела, а во следното коло ќе ја има фаворитската улога на гостувањето кај Беса 1976.