• Саше Љолес
Англискиот гигант Ливерпул покажува сериозен интерес за српскиот голман Ѓорѓе Петровиќ, пренесуваат англиските медиуми.
Клубот од „Енфилд“ се подготвува за можна голема промена на голманската позиција, бидејќи сè почесто се шпекулира за заминување на бразилскиот чувар на мрежата Алисон Бекер. Тој е дел од Ливерпул од 2018 година и беше еден од клучните играчи во ерата на Јирген Клоп.
Според информациите, Алисон е отворен за враќање во Италија, а како можна дестинација се споменува Јувентус. Дополнително, честите повреди во последните сезони го натерале раководството на Ливерпул да размислува за иднината на голманската позиција.
Меѓу кандидатите за наследник се наоѓа и Петровиќ, кој зад себе има настапи во Челзи и Стразбур, а моментално брани за Борнмут во Премиер лигата. Наводно, Борнмут би бил подготвен да го продаде доколку пристигне соодветна понуда.
Покрај српскиот репрезентативец, на листата на желби на Ливерпул се и Лукас Шевалје, Емилијано Мартинез и Барт Вербруген.

