ВИДЕО: Ливерпул со пенал за анализа до победа во дербито со Интер!

Екипите на Интер и Ливерпул воопшто не го оправдаа епитетот на дерби натпревар во Лигата на шампионите, иако шесткратниот европски шампион на крајот успеа да триумфира со минимални 0-1 (0-0) во натпреварот од шестото коло, одигран на славниот „Џузепе Меаца“ во Милано

  • Извештај од натпреварот:

Првото полувреме не понуди огромни возбудувања, иако имаше неколку драматични моменти на двете страни од теренот. Интер делуваше дека е во подобар налет, додека англискиот великан играше внимателно, но со доволна дрскост во последната третина. Не видовме конкретна шанса до 32. минута, кога Ибрахима Конате постигна погодок, но потоа истиот беше поништен поради игра со рака. 

Интер се обиде да притисе до крајот на првото полувреме и имаше одлична шанса преку Лаутаро Мартинез, кој биеше со глава, но голманот Алисон Бекер го одбрани неговиот удар. На паузата останаа почетните 0-0. Италијанскиот гигант во првите 45 минути поради повреда остана без Хакан Чалханоглу и Франческо Ачерби, кои мораа да го отстапат местото на Пјотр Зиелински и Јан Бисек

Темпото не се разгоре премногу во второто полувреме. Се чинеше дека Интер е порасположен за игра, но повторно не бевме сведоци на возбуда која доликува на дерби натпревар во елитниот ранг. Пред почетокот на последните десет минути, Ливерпул малку се „осоколи“ и имаше одлична шанса преку Конор Бредли, но Јан Зомер беше на висина на задачата. 

Сепак, Англичаните во продолжение се изборија за пенал, кој долго беше прегледуван од ВАР-собата, а потоа и од главниот судија Феликс Цваер. Алесандро Бастони направи непромислен фаул и влечеше за дрес во сопствениот петерец, а прецизен реализатор на казната беше Доминик Собослаи во 88. минута. 

Овој пенал од многумина беше оценет како премногу „лесен“, па сигурно ќе предизвика многу полемики во фудбалската јавност. Интер не успеа да се врати од ударот и на крајот мораше да се помири со минимален пораз пред своите гледачи на „Џузепе Меаца“. 

Ливерпул сега има ист учинок со денешниот ривал (12 бодови) и се пробива до осмата позиција на табелата. Во следното коло „црвените“ ќе гостуваат кај Олимпик Марсеј, а Интер ќе се сретне со Арсенал на својот терен во Милано.