• Мартин Танасковски
Откако го донесе германскиот бисер Флориан Вирц на „Енфилд“, Ливерпул подготвува уште еден трансфер што може да одекне како бомба на пазарот. Според „Сан“, клубот од Мерсисајд е подготвен да испрати понуда вредна 100 милиони фунти за англиското крило на Њукасл, Антони Гордон.
Разговори меѓу двата клуба за евентуален трансфер на Гордон се воделе и минатото лето, кога Њукасл беше притиснат од правилата за финансиски фер-плеј и мораше да размислува за голема продажба. Тогаш трансферот пропадна, а Гордон дури и потпиша нов договор со „страчките“. Сепак, ова лето ситуацијата е поинаква – Њукасл веќе нема сериозни ограничувања со буџетот, што може да ги отвори вратите за голема зделка.
Ливерпул, освен Гордон, го следи и шведскиот напаѓач Александар Исак, но Њукасл за него бара дури 150 милиони фунти, што ја отежнува реализацијата на евентуален договор. Во рамките на својата трансформација во нападот, Ливерпул веројатно ќе се раздели со Дарвин Нуњез и Луис Диаз.