• Саше Љолес

Ливерпул на одличен начин се „загреа“ за претстојната сезона во Премиер лигата, откако славеше на пријателскиот натпревар против Дармштад со 3-1.
Натпреварот се одигра во Престон, а „црвените“ на Јирген Клоп покажаа дека се во одлична форма пред почетокот на новата авантура во елитниот англиски фудбал. Мохамед Салах и Диого Жота од петтата до осмата минута веќе постигнааа по еден гол за водство од 2-0 на англискиот тим. Дармштад успеа да го ублажи ударот и намали на 2-1 преку Хонсак во 10. минута.
- Извештај од натпреварот:
До крајот на првите 45 минути Ливерпул имаше уште две солидни шанси, но не ја затресе мрежата на гостите и на паузата замина со истиот резултат, 2-1.
Шесткратниот европски првак продолжи со одлична игра во вториот дел и тоа се исплатеше во 59. минута, кога Доминик Собослаи изведе корнер, по кој Луис Диаз постигна прекрасен погодок и воедно ги постави конечните 3-1 на натпреварот.
Ова беше последен пријателски меч за Ливерпул пред почетокот на предизвиците во Премиер лигата. „Црвените“ новата сезона ја почнуваат со тешко гостување кај Челзи во Лондон.