ВИДЕО: Ливерпул се спаси на „Олд Трафорд“, лидерот и натаму непоразен во ПЛ

Екипите на Манчестер Јунајтед и Ливерпул одиграа не премногу атрактивно англиско дерби во рамки на 9. коло од англиската Премиер лига и истото на „Олд Трафорд“ заврши без победник (1-1).

  • Извештај од натпреварот:

Кризата на Манчестер Јунајтед со ова реми продолжи и понатаму, затоа што тимот на Оле Гунар Солскјер четири кола по ред не знае за триумф во Премиер лигата. Токму затоа ,„ѓаволите“ се во долниот дел на табелата. Ливерпул, пак, се спаси во финишот и резултатот е позитивен за нив.

Што се однесува до дуелот, двете екипи тргнаа доста претпазливо и тактички се надигруваа. Се чекаше на прва прилика се до 34. минута кога Ливерпул се обиде со еден шут на Фирмино по земја, меѓутоа истиот заврши во рацете на Де Хеа. 

Само две минути подоцна, Манчестер Јунајтед успеа да постигне водечки гол. Реализира Маркус Рашфорд, кој доби топка од Џемјс, а иако судиите гледаа ВАР поради можен прекршок, сепак, голот остана важечки. Пред финишот на првиот дел, Ливерпул возврати со гол, преку Садио Мане, меѓутоа овој пат ВАР го поништи, поради играње со рака.

Во вториот дел шансите се броеја на една рака, а посреќна беше екипата на Ливерпул. Од првата сериозна прилика, гостинот дојде до реми. Во 85. минута бод за лидерот спаси Адам Лалана, кој се најде осамен во шеснаесетникот по лошо позиционирање на одбраната на „ѓаволите“ и погоди по над две години во Премиер лигата.

Ливерпул сега има 25 бода во Премиер лигата, шест повеќе од второпласираниот Манчестер Сити. Манчестер Јунајтед, пак, е на тринаесеттото место, со само 10 бода.