ВИДЕО: Ливерпул продолжи безмилосно да „гази“, рапсодија на Тотенхем со Мурињо

Лидерот во англиската Премиер лига, екипата на Ливерпул, продолжи со одличните партии во елитата и славеше на гости кај Борнмут (0-3) за четиринаесетта победа во вкупно 15. одиграни кола во најквалитетното англиско фудбалско натпреварување.

  • Борнмут - Ливерпул 0-3:

„Црвените“ на Јирген Клоп уште еднаш безмилосно го надиграа ривалот и се зацврстија на врвот во Премиер лигата кој уште од стартот на сезоната е нивен. Три различни фудбалери стрелаа во мрежата на Борнмут, за нова убедлива победа.

Резултатот се отвори по 35. минути игра кога реализира Окслејд-Чембрлејн, а пред финишот на првиот дел Салах го проигра Кеита, а тој зголеми на 0-2. На стартот на второто полувреме улогите се променија, Кеита беше во улога на асистент, а Салах на стрелец, за конечни 0-3.

  • Тотенхем - Барнли 5-0:

Тотенхем под водство на Жозе Мурињо им се врати на победите и тоа не на било каков начин, туку со декласирање на Барнли (5-0). Гледачите на стадионот на Тотенхем уживаа во фудбалската претстава, а посебно му се израдуваа на голот на Сон во 32. минута кој беше вистинско ремек-дело.

Покрај Кореецот, на оваа средба двоен стрелец беше Хари Кејн, а по еднаш погодија Лукас и Сисоко.

На третиот натпревар во попладневниот термин Ватфорд и Кристал Палас одиграа меч без голови.

  • Вотфорд - Кристал Палас 0-0:

Денешната програма во Премиер лигата завршува со дерби дуелот на двата клуба од Манчестер.