ВИДЕО: Ливерпул покажа сила и се врати на врвот, фенерџијата лесен залак за „топџиите“

Премиер лига

По две реми средби во низа, екипата на Ливерпул го победи Борнмут (3-0) во 26. коло од Премиер лигата и повторно се искачи на врвот на табелата.

Јирген Клоп одговори на сите критики дека ја губи контролата над тимот, кој покажа карактер и замина на +3 во однос на најблискиот ривал за титулата Манчестер Сити. Одличното попладне за „црвените“ го најави Садио Мане со водечки погодок со глава по асистенцијата на Џејмс Милнер. Доминацијата на домаќинот беше крунисана со втор погодок пред паузата. Холанѓанецот Џорџо Вајналдум одлично се снајде и во манир на голем стрелец испрати необранлив лоб удар за 2-0.

Само што започна второто полувреме, Ливерпул направи перфектна акција и стави точка на денешниот меч. Роберто Фирмино со многу чувство ја додаде топката до Мохамед Салах и му овозможи лесна завршница и 17. погодок оваа сезона.

Рутинска победа запиша и Арсенал кај фенерџијата Хадерсфилд (0-2) со која ја продолжи борбата за место во првата четворка. Нигериецот Алекс Ивоби со многу среќа го шокира домашниот тим и донесе рано водство за „топџиите“. Иако се играше израмнето, гостите од Лондон беа поконкретни, а тоа им донесе двојно водство до крајот на полувремето. Конечниот резултат го постави Александар Лаказет.

На „Викариџ Роуд“, Вотфорд минимално го совлада Евертон (1-0) и му го нанесе третиот пораз во низа во домашното првенство. Андре Греј во 65. минута го постигна едиствениот погодок по одличната акција и асистенција на Вил Хјус.

Во директната борба за опстанок Кардиф победнички си замина од гостувањето кај Саутемптон (1-2). Избраниците на Нил Ворнок стигнаа до вториот успех во низа, а нивната радост ја донесе Кенет Захоре во надополнувањето.

Единственото реми во попладневните натпревари го одиграа Кристал Палас и Вест Хем (1-1). „Чеканите“ поведоа преку Марк Нобл од пенал во првиот дел, а во продолжението бод за домашната екипа донесе Вилфред Заха.