• Саше Љолес

Информациите што доаѓаат од неколку англиски медиуми велат дека Ливерпул почнал сериозно да заостанува во трката со ривалите за потписот на талентираниот Џуд Белингeм.
19-годишниот фудбалер беше и уште е мета на многу големи европски гиганти, а се веруваше дека токму „црвените“ се еден од најсериозните кандидати за овој трансфер. Познато е дека Јирген Клоп е голем фан на играта на Белингем, но сепак новите информации велат дека Ливерпул најверојатно ќе се откаже од трката, а сега фаворит број еден за овој потпис е Реал Мадрид.
„Кралевите“ најавија голем „ремонт“ во тимот за следното лето, а се шпекулира дека Флорентино Перез е импресиониран од талентот и техниката што ја поседува Белингем. Младиот фудблаер на Борусија Дортмунд нема сигурно да биде поевтин од 120 милиони евра, а оваа сума не би требало да претставува проблем за Реал, доколку сериозно „загризат“ за трансфер.
Неколку месеци англиските медиуми зборуваа дека Ливерпул, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед се силно заинтересирани за Белингем, но првите конкретни чекори кон реализација на овој трансфер, изгледа сепак доаѓаат од Мадрид. Пред неколку дена Белингем доби „совети“ и од легендарниот Рио Фердинанд, кој изјави дека „Џуд Белингам мора да замине во Мадрид, а Реал е најдобрата опција за него“.
Останува да видиме каква ќе биде разврската во текот на летниот преоден рок. Сигурно дека Реал Мадрид ќе има конкуренција во трката за Белингем, но „кралевите“ се познати по способноста да ги убедат најдобрите играчи да настапуваат за нивниот клуб. Минималната цена што Борусија Дортмунд ја има поставено за младиот Англичанец е сто милиони евра, а се очекува оваа сума и да порасне.