ВИДЕО: Ливерпул одигра под просек, Атлетико со позитива патува на „Енфилд Роуд“

Атлетико Мадрид го одработи своето и со позитива патува за Ливерпул во реванш натпреварот од осминафиналната фаза на Лигата на шампионите. Европскиот шампион по подолго време ја вкуси горчината на поразот и во Шпанија загуби со минимални 1-0 (1-0).

  • Извештај од натпреварот: 

Јирген Клоп на среќниот стадион „Ванда Метрополитано“ истрча со „добитна комбинација“, со Мане, Фирмино и Салах во нападот и Фабињо и Вајналдум како поддршка во средната на капитенот Хендерсон. На другата страна пак Симеоне предност му даде на Лемар во однос на повратниот Караско, додека поради болест надвор од составот беше Жоао Феликс

„Јорганџиите“ доста мотивирано го отворија вечерашното дерби пред домашната публика, која на стартот приреди вистински спектакл и им порача на европскиот шампион дека го чека вистински пекол. 

Одличниот почеток на избраниците на Симеоне, резултираше со гол по само четири минути игра. По еден корнер на Коке, Фабињо реагираше лошо и му „асиситраше“ до Саул Нигез, кој без многу проблеми ја смести топката зад грбот на Алисон, за голема радост во Мадрид и водство на Атлетико од 1-0.

Ниту негативата не ги „разбуди“ Англичаните, кои како да немаа решение за борбената игра на домаќините и тешко стигнуваа до голот на Облак. Атлетико пак доста дисциплинирано продолжи по погодокот и мудро ја чекаше својата шанса. 

Робертсон во 20. минута беше за момент побрз од Мората и спаси речиси сигурен гол на домаќините, додека неколку минути подоцна шпанскиот напаѓач со одличен дриблинг се ослободи од Фабињо, но не успеа да го надмудри Алисон. До крајот на првиот дел „црвените“ единствено се заканија само преку Салах, кој од дистанца биеше во блокот и на пауза се замина со минимално водство на Атлетико Мадрид од 1-0. 

По паузата, Клоп се реши да го остави недоволно залечениот Мане во соблекувалната и во игра во внесе Ориги, кој веднаш внесе свежина во редовите на Ливерпул, кој вториот дел го отвори фуриозно и имаше неколку прилики во низа да го израмни резултатот. Најзрелата ја пропушти Салах, кој на додавање на Џо Гомез со глава биеше покрај голот на Облак. 

И Симеоне се реши за измена на полувреме. На местото на индиспонираниот Лемар во игра влезе Љоренте, кој немаше голем удел во играта на својата екипа, пред сè заради силниот притисок на Ливерпул и повлеченоста на домаќините. Но, иницијативата на европскиот шампион не вроди со плод, иако долго време ја имаше топката во своите нозе и градеше позиции за закана кон голот на Облак. 

„Јорганџиите“ во целост ги одработија советите на Симеоне и ги неутрализираа сите налети на „црвените“, па на „Енфилд Роуд“ ќе гостуваат со минимална предност од еден гол. Реваншот во Англија е закажан за на 11 март.

Од денешната осминафинална програма на Лигата на шампионите се одигра уште ден натпревар, на кој Борусија Дортмунд со двата гола на Халанд извојува победа над ПСЖ од 2-1. 

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Халанд со ЕВРОГОЛ му пресуди на ПСЖ за домашен триумф на Борусија