Ливерпул ќе мора да бара нов дефанзивец – еве кои се споменуваат за замена на Ван Дајк

Екипата на Ливерпул одработи одличен трансфер-период ова лето и своите редови ги засили со неколку квалитетни фудбалери, но многумина фанови на „црвените“ пред крајот на островскиот преоден рок, очекуваа и ново име во дефанзивата. 

Но, на крај тоа не се случи, иако тимот го напушти искусниот Дејан Ловрен. Замена за хрватскиот стопер не пристигна на „Енфилд Роуд“, можеби затоа што Фабињо на неколку наврати одлично се снајде во последната линија, но сега се чини дека Клоп и раководството на Ливерпул направиле голема грешка што не ја освежија дефанзивата. 

Јасно е дека англискиот шампион подол период ќе биде без својот најдобар дефанзивец, Вирџил Ван Дајк (седум до осум месеци), па со оглед на тоа што Клоп на располагање ги има само Џо Гомез и „вечно“ повредениот Жоел Матип, веќе е вклучен алармот во редовите на „црвените“. 

Шансите да доведат нов дефанзивец во овој момент се многу мали, затоа што ќе треба да бараат фудбалер кој е без договор, а тамошните медиуми веќе започнаа со шпекулациите кои би можеле да бидат зимските решенија за дупката на Ливерпул во одбраната. 

Интересно е тоа што за прв кандидат се споменува токму Ловрен, кој, иако пред неколку месеци го напушти „Енфилд Роуд“, неговата голема почит кон Клоп може да го врати во редовите на англискиот шампион. Потоа следуваат Дајот Упамекано од РБ Лајпциг и Самуел Умтити од Барселона кои и летово беа поврзување со заминување од своите клубови.