ВИДЕО: Ливерпул херојски го освои „Сент Мери“ и се врати на врвот во ПЛ!

Во првиот натпревар од 33. коло во Премиер лигата, на „Сент Мери“ фудбалерите на Ливерпул со два гола во финишот го совладаа Саутемптон со 1-3 (1-1) и повторно се вратија на првото место на премиерлигашката табела.

  • Извештај од натпреварот:

По почетното испитување на силите, следеше шок за фудбалерите на Ливерпул и радост за домашните фанови. Се играше 9. минута, Хојберг одлично ја додаде топката со глава до Шејн Лонг, кој исто така со удар со глава го матира Алисон Бекер (1-0).

По примениот погодок избраниците на Клоп се обидуваа брзо да се вратат во игра, а првата поголема шанса ја пропушти Садио Мане. И во продолжение „црвените“ притискаа, а тоа вроди со плод во 36. минута кога Наби Кеита со својот прв гол за Ливерпул израмни на 1-1.

На стартот на вториот дел домаќините имаа повеќе од играта и константно ја притискаа последната линија на гостите, но не успеваа да дојдат до нова предност. Клоп во 59. минута со двојна замена се обиде да добие превласт на средината на теренот и во игра ги внесе Хендерсон и Милнер. Гостите ја презедоа инцијативата, а шанса за целосен пресврт пропушти Фирмино, кој одлично биеше, но неговиот шут беше блокиран.

Следеше период на нова доминација на Ливерпул, за разлика од домаќините кои се обидуваа да го загрозат Алисон преку контра. Подобрата игра избраниците на Клоп ја крунисаа во 80. минута, кога Мохамед Салах доби една топка од Хендерсон, во еден здив го претрча половина терен и на крајот го матира домашниот голман (2-1). За египетскиот фудбалер денешниот погодок беше негов прв за Ливерпул во Премиер лигата по 9 февруари.

По вториот погодок Ливерпул продолжи со нападите, а за мирна завршница се погрижи Хендерсон, кој во 87. минута ја искористи асистенцијата од Фирмино и ги постави конечните 3-1.

За тимот на Ливерпул следи дуелот од Лигата на шампионите против Порто, а веќе следниoт викенд на „Енфилд“ ќе го пречекаат тимот на Челзи.