ВИДЕО: Ливерпул го зададе првиот удар, Сити падна на „Енфилд“!

Екипата на Ливерпул направи голем чекор напред во битката за тронот во англискиот фудбал, затоа што во големото дерби на „Енфилд Роуд“ против Манчестер Сити успеа да дојде до победа (3-1).

  • Извештај од натпреварот:

Дерби-дуелот на Островот мина со многу негодувања, поради погодоците на „црвените“ и одредени ситуации по кои не беше користена новоимплементираната ВАР-технологија во Англија. Сепак, резултатот е тој, Ливерпул е апсолутен лидер во лигата и го зададе првиот удар во битката за тронот.

Уште на стартот на натпреварот имаше еден спорен момент, затоа што прво со рака играше Бернардо Силва, но акцијата не беше прекината, па потоа во казнениот простор на Ливерпул, Арнолд-Трент играше со рака, но немаше пенал, момент по кој се тргна во контра и Фабињо со еден прекрасен гол го отвори резултатот во 6. минута.

Само неколку минути подоцна, следеше втор погодок кој го постигна Мохамед Салах. По една контра во 13. минута и длабочинска топка, „фараонот“ на Ливерпул успеа да стрела, а иако од Сити бараа ситуацијата да биде прегледана со ВАР, сепак, Мајкл Оливер не побара такво нешто.

До финишот на првиот дел, Манчестер Сити имаше неколку добри шанси да постигне гол, но реализацијата не беше на посакуваното ниво, а на самиот старт на вториот дел Ливерпул го даде и третиот гол откако Хендерсон нафрли, а Мане реализира со глава. Потоа, Ливерпул свесно се повлече, Сити напаѓаше, а даде само еден гол преку Бернардо Силва.

До финишот на мечот, Пеп Гвардиола бараше нов пенал, затоа што Арнолд повторно играше со рака во казнениот простор во 83. минута, но повторно немаше санкција.

Ливерпул сега е на врвот со 34 бода, пред Лестер Сити со 26, додека Манчестер Сити има 25 бода и се наоѓа на четвртото место.