Ливерпул го руши клупскиот рекорд за млад талент на Баер Леверкузен

Фудбалерите на Ливерпул скоро сигурно ќе ја освојат титулата во Премиер лигата. Тоа ќе значи крај на постот кој трае цели 30 години.

Јирген Клоп е задоволен како игра екипата, но веќе размислува за иднината. Оваа зима го доведе Јапонецот Такуми Минамино, а сега се насочи кон уште еден млад талент, овојпат од Бундеслигата.

Се работи за 20-годишниот Кај Хеверц кој ги брани боите на Баер Леверкузен. Според најавите, тимот од „Енфилд“ за него ќе го сруши клупскиот рекорд и ќе понуди 100 милиони евра.

Германскиот интернационалец важи за еден од најталентираните офанзивци во светот. Од 2018 година е дел од сениорската репрезентација на Германија за која има запишано седум настапи.

Адам Лалана се очекува да си замине на крајот од сезоната, а токму Хеверц ќе биде неговата идеална замена во очите на „црвените“.