Ливерпул ги тргна култните симболи од новото лого заради – маркетинг

Следниот викенд Ливерпул ќе зачекори во новата сезона без легендарниот Клоп, но и без историските симболи кои го красеа клупскиот грб. Заедно со новиот тренер Арне Слот, Ливерпул на натпреварот против Ипсвич ќе претстави и нов грб.

Клупскиот грб е сменет откако стариот го красеше дресот во претходните 32 години. Новиот клупски грб го содржи само основниот симбол на клубот, птицата и кратенката LFC.

Од новиот грб се отстранети три култни симболи – сликата од портата на „Енфилд“ именувана по легендарниот менаџер Бил Шенкли, двата факели во чест на навивачите кои загинаа во Хилсборо и слоганот „Никогаш нема да одиш сам“.

Дигиталниот маркетинг беше наведен како причина за промената од клубот. Како што велат од Ливерпул, повеќе од 86 отсто од посетителите на веб-страниците и 98 отсто од корисниците на социјалните канали на клубот доаѓаат од мобилни уреди, така што има потреба брендирањето на клубот да биде многу појасно и повидливо на помалите и помалите екрани.

Како што беше најавено, стариот грб сепак ќе остане на надворешниот ѕид на Енфилд.