• Иван Димовски
Ливерпул постигна вербален договор со Барселона за позајмица на Роналд Араухо. Договорот меѓу двата клуба е усогласен и одобрен од спортскиот директор на Барселона, Деко.
Араухо ќе биде ново засилување за одбраната на Ливерпул, во потег кој претставува големо изненадување на трансфер-пазарот. Уругваецот во новата сезона ќе има можност да заигра во Премиер лигата, по повеќегодишниот период во каталонскиот гигант.
Веќе сите детали се „испеглани“, Ливерпул ќе ја преземе целата плата на Араухо, а стоперот се чека на потпис уште во текот на викендот. На „Енфилд роуд“ тој ќе формира двојка во одбраната со Вирџил ван Дајк, а доаѓа како директна замена за Ибрахима Конате кој се пресели во Реал Мадрид.
Кариерата на Араухо
Роналд Араухо е роден во Ривера, Уругвај, а фудбалската кариера ја започна во локалниот Рентистас. Во 2018 година се пресели во Бостон Ривер, каде брзо го привлече вниманието на европските клубови.
Барселона го доведе во 2018 година, првично за својот втор тим, а во октомври 2019 година Араухо дебитираше за првиот тим на каталонскиот клуб. Постепено се наметна како еден од главните дефанзивци на Барселона и стана важен дел од тимот. За Барселона одигра повеќе од 150 натпревари во сите конкуренции и освои трофеи, меѓу кои Примера, Купот на Кралот и Суперкупот на Шпанија.
На репрезентативен план, Араухо е стандарден уругвајски репрезентативец и настапува за националниот тим од 2020 година. Со својата физичка сила, брзина и способност за игра еден на еден се етаблираше како еден од најважните дефанзивци на Уругвај.
Сега пред него е ново поглавје во кариерата, бидејќи доколку трансферот биде официјализиран, ќе го облече дресот на Ливерпул и за првпат ќе игра во англискиот фудбал.










