• Саше Љолес
Сопствениците на Ливерпул, американската групација „Fenway Sports Group“ (FSG), постигнаа договор за продажба на околу една третина од сопственичкиот удел во клубот на конзорциум предводен од британско-индискиот бизнисмен Амит Батија, во кој се наоѓа и основачот на Амазон, Џеф Безос.
Од FSG потврдија дека е потпишан „конечен договор“ за продажба на стратешки малцински удел на компанијата „1892 Holding“, објави Би-Би-Си.
Конзорциумот го предводи Батија, а меѓу инвеститорите е и милијардерот Едуардо Саверин, еден од коосновачите на Фејсбук. Според информациите, Батија би требало да ја преземе функцијата потпретседател на Ливерпул и по добивањето на потребните регулаторни одобренија, да стане дел од проширениот управен одбор на клубот.
Батија е зет на индискиот милијардер Лакшми Митал, а претходно цели 18 години беше директор и косопственик на Квинс Парк Ренџерс. Во јули го продаде својот удел во лондонскиот клуб.
За Џеф Безос ова ќе биде прв влез во сопственичката структура на спортски клуб. Основачот на Амазон, кој според проценките располага со богатство од околу 256 милијарди долари, нема да биде дел од управниот одбор на Ливерпул.
И покрај големата промена во сопственичката структура, навивачите на Ливерпул немаат причина да очекуваат промени во спортскиот сектор. Според Би-Би-Си, трансфер-политиката на клубот нема да биде засегната од договорот.
Вредноста на Ливерпул во моментов се проценува на помеѓу пет и шест милијарди фунти, што претставува огромен раст во однос на 2010 година, кога FSG го презеде клубот за околу 300 милиони фунти.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.






