ВИДЕО: Ливерпул беше на работ на прв пораз, но Фабиански ги уништи сите соништа на Вест Хем 

Фудбалерите на Ливерпул како никогаш досега оваа сезона беа пред пораз во Премиер лигата, но повторно покажаа карактер и моќ во моментите кога беше најпотребно и преку пресврт го совладаа Вест Хем со 3-2 (1-1) за 26-та победа во англиската елита. Воедно, овој триумф на „црвените“ е и прв во историјата на Премиер лигата извојуван во понеделник. 

  • Извештај од натпреварот. 

Дербито со фантастична атмосфера на „Енфилд Роуд“ започна пеколно, откако по само 11 минути игра паднаа два гола, по еден во двете мрежи. Први се радуваа домаќините, затоа што на асистенција на Александар-Арнолд, Вајналдум биеше неодбранливо за Фабиански и Ливерпул поведе со 1-0. 

Но, речиси во следниот напад Снодграс од корнер го пронајде Диоп, кој исто така со глава ја смести топката зад немоќниот Алисон и Вест Хем експресно се врати во игра (1-1).

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Пеколен старт на „Енфилд“ - Вајналдум рано отвори, но Диоп го враќа Вест Хем во игра 

Во продолжението од првиот дел „црвените“ очекувано притискаа за нов погодок, но пред себе го имаа расположениот Фабиански. Полскиот голман беше поуспешен од Салах и Мане, додека шансата во првиот дел ја пропушти Ван Дајк, откако со глава ја затресе пречката. 

На полувреме се замина со егал резултат (1-1), а на почетокот на второто полувреме Дејвид Мојс беше приморан да направи замена и на местото на повредениот Соучек, во игра влезе Шпанецот, Пабло Форналс, кој од својот прв допир со топката донесе голем шок на „Енфилд Роуд“. 

Еден од најголемите англиски таленти, Даклан Рајс од полудесно испрати прецизен центаршут до шпанскиот офанзивец, кој со прецизен удар на втора статива го надмудри Алисон Бекер и донесе голема радост за „чеканите“ (1-2).

По примениот гол, Клоп мораше да менува и во игра во внесе Чемберлејн на местото на индиспонираниот Кеита, а англискиот репрезентативец ја внесе потребната свежина во офанзивата и Ливерпул со сите сили тргна кон израмнување. Тоа се случи во 68. минута, кога Салах, иако биеше млако, Фабиански направи катастрофална грешка и дозволи топката да помине низ неговите раце (2-2).

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Каква грешка на Фабиански, среќникот Салах израмнува против Вест Хем

Но, тоа не беше сè од репертоарот на пеколниот Ливерпул. „Црвените“ осоколени од израмнувањето на Салах уште посилно го нападнаа гостинскиот гол, а Арнолд повторно покажа дека е мајстор за асистенции и со својата 12-та овосезонска му сервираше чиста мрежа на Мане за комплетирање на пресвртот на лидерот и водство од 3-2.

Во самиот финиш од натпреварот, Александар-Арнолд пак го пронајде осамениот Мане, кој иако ја заби топката во гостинската мрежа, голот беше поништен поради офсајд ситуација. На спротивната страна, Бовен излезе сам пред Алисон, но бразилскиот голман покажа зошто е еден од најдобрите на светот и запиша нова успешна интервенција.