• Горан Упале
Фудбалерите на Лион со голема победа го затворија 25. коло од Лига 1. Некогашниот шампион на Франција и редовен учесник во Лигата на шампионите ѝ зададе голем удар на Ница и од гостувањето на „Алијанц Ривера“ се враќа со значајни три бода, освоени по триумфот од 0-2 (0-0).
Ница, иако играше пред својата публика и ја имаше улогата на благ фаворит, на терен имаше споредна улога. Лион беше подобриот ривал во текот на целиот натпревар, а до триумфот стигна со голови во самиот финиш. Во 78. минута резултатот го отвори Рајан Черки, додека конечните 0-2 ги постави Нумах. Асистент при двата гола беше Алмада.
Во попладневната програма во Лига 1 уште две гостински екипи запишаа по три бода на своите конта. Оксер беше поуспешен од Ремс, додека Нант пред својата публика загуби од Стразбур. Домашен триумф извојува Брест над Анже, а со поделба на бодовите заврши натпреварот меѓу Ле Авр и Сент Етјен.