ВИДЕО: Лион рутински го „среди“ Нант и го прескокна на табелата во Лига 1

Фудбалерите на Лион ја комплетираа перфектната недела и ја запишаа третата победа сезоната во Лига 1. Екипата на Пјер Саж го совлада Нант со 2-0 (1-0) и полека се качува кон врвот на Лига 1.

Иако започнаа бледо и помалку уморно од европскиот натпревар во четвртокот, домаќините се наметнаа и на средина од првиот дел го отворија резултатот. Во 22. минута Бенрама убаво додаде на левата страна, а Николас Таљафико со својот првенец оваа сезона го отвори резултатот (1-0). 

Дилемите околу победникот беа решени на почетокот од вториот дел кога Палоа несреќно ја погоди сопствената мрежа и донесе комотни 2-0 за Лион. Домаќинот го намали интензитетот и рутински го приведе натпреварот кон крај.

Со оваа победа Лион го скокна Нант и со 10 бода се наоѓа на седмото место на табелата. 

Гостинска победа синоќа запиша Монако во Рен со 1-2, а Лил пред своите гледачи беше подобар од Тулуз со 2-1.Во соочувањето на новите прволигаши Сент-Етјен го надигра Оксер до 3-1.