• Саше Љолес
Францускиот напаѓач Александр Лаказет го напушта тимот на Лион по истекот на сезоната и става крај на етапата во која одигра 391 натпревар и постигна 199 гола за „лавовите“.
Остави голем траг и белег во францускиот гигант, од каде му се заблагодарија за сите прекрасни моменти и му посакакаа среќа во натамошните предизвици. 33-годишниот Лаказет нема да добие нов договор и ќе може слободно да бара нова средина, а за неговите услуги веќе постои интерес од неколку европски и саудиски клубови.
Капитенот на екипата е „дете“ на Лион, а во текот на кариерата пет години настапуваше за лондонски Арсенал, по што реши да се врати во своето матично „јато“. Од Лион најавија дека наскоро ќе се организира спектакуларно испраќање на својот долгогодишен фудбалер и еден од најдобрите во клупската историја.