Линискиот судија кој не го виде очигледниот гол на Роналдо доби отказ

Кога нема да му досудите чист гол на Кристијано Роналдо, лоши ви се пишува. Ова на своја кожа го почувствува Марио Дикс. Линискиот судија на натпреварот меѓу Србија и Португалија не виде очигледен погодок на европскиот шампион за победа во Белград, па иако ја призна грешката и јавно се извини, сепак доби отказ од својот долгогодишен соработник Дани Макели, кој беше главен арбитар на таа средба.

„Долги години работиме заедно, затоа разделбата со Дикс беше тешка одлука за мене. Повеќе од ова не би можел да кажам“, рече Макели.

Дикс не го криеше своето разочарување, но верува дека ќе наиде на поддршка и неговата судиска кариера ќе продолжи.

Инаку, Макели и Дикс ја делеа правдата на ланското финале во Лигата на Европа, а оваа година судеа и полуфинале од Светското клупско првенство.