ВИДЕО: Лил се извлече и одигра реми со Стразбур, па ќе остане лидер во Лига 1

Фудбалерите на Лил беа на работ од изненадувачки пораз од Стразбур, но во финишот се извлекоа и одиграа реми (1-1), во дуелот од 27. коло на француската Лига 1. Гостите поведоа уште во првиот дел преку Ажорк, а лидерот во првенството мораше да се потпре на стоперот Жозе Фонте кој освои бод за својот тим. 

  • Извештај од натпреварот: 

Лил тргна лошо и безидејно, ама по 18. минути игра беше на работ да добие пенал. Џонатан Дејвид падна во шеснаесетникот, а по преглед на ВАР снимката беше одлучено дека нема да има казнен удар. Стразбур поведе во 36. минута од натпреварот преку Лудовик Ажорк, кој стрела по асистенција на Гилберт за изненадувачка предност на гостинската екипа (0-1). 

Фаворитот се обидуваше преку Дејвид и Ботман, ама гостите се одбранија. По паузата двојна шанса испушти и Џонатан Иконе, па промена на резултатот немаше долго време. Сепак, во самата завршница Андре нафрли во шеснаесетникот, а Фонте со добар скок и удар со глава ја смести топката во мрежата на Стразбур за конечните 1-1 во 86. минута. 

Лил се извлече, бидејќи ако загубеше на овој меч ќе му оставеше шанса на Лион со евентуална победа вечерва против Марсеј да го преземе врвот од Лига 1. Сега, предноста пред ПСЖ е два бода, додека Лион заостанува четири и со победа може да пријде на еден.