Лил и Челзи играат меч за шест бода, Ајакс не се плаши од Валенсија

Во сенка на поатрактивните дуели од групите Е и Ф, натпреварот меѓу Лил и Челзи се очекува да биде еден од поинтересните од вечерашната програма од второто коло на Лигата на шампионите. 

Двете екипи елитното натпреварување го започнаа со порази. Челзи им приреди шок на своите фанови и на „Стемфорд Бриџ“ загуби од Валенсија, додека Лил беше надигран и убедливо совладан од Ајакс. Затоа овој меч ќе биде од големо значење за двете екипи, затоа што со евентуален пораз на која било екипа, шансите за осминафинале драстично ќе ѝ се намалат. 

Лил со две реми средби и една победа во Лига 1 влегува во овој меч, додека Челзи е попозитиван и на последните три средби загуби само од големиот ривал Ливерпул. Фаворитската улога им е доделена на Англичаните, а разликата во квалитетот исто така е фактор кој оди во корист на избраниците на Френк Лампард. 

Во рамките од оваа група, на „Местаља“ гостува секогаш незгодниот Ајакс. Иако без своите први ѕвезди од ланската сезона, холандскиот шампион и во новата стартуваше одлично и сигурно вечерва нема да се уплаши од фаворизираниот шпански претставник.