• Горан Упале
Европската куќа на фудбалот (УЕФА) го менува форматот за следното издание на Лигата на нации. Главна новина е што натпреварувањето се проширува со ново коло, четвртфинале, кое ќе се игра во март, со што се создава континуитет помеѓу групната фаза која завршува во ноември и „фајнал-фор“ турнирот што се игра во јуни.
Во четвртфиналето ќе учествуваат првата и втората селекција од групите во Лигата А, а победниците од овие двомечи ќе се пласираат на завршниот турнир. Третопласираниот во Лига А и вицешампионот во Лига Б, како и третопласираниот во Лига Б и второпласираниот во Лига Ц ќе играат плеј-оф двомеч за промоција или испаѓање.
Репрезентациите кои нема да се квалификуваат во четвртфиналето во март, ќе можат да ја започнат квалификациската фаза за Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада.
55-те европски селекции ќе бидат поделени во дванаесет групи по четири или пет репрезентации. Европа ќе даде шеснаесет екипи на планетарниот собир. Првопласираните од групата директно ќе се квалификуваат за СП 2026, а оние кои ќе завршат на второ место ќе играат плеј-оф.