ВИДЕО: Лидерски настап на Кутињо, Бразил во вториот дел ја „скрши“ Боливија

Домаќинот на 46. издание на Копа Америка, селекцијата на Бразил со очекувана победа го започна турнирот од кој нација многу очекува. Во неубедливо издание на „Морумби“ во Сао Паоло беше совладана Боливија со 3-0 (0-0) во рамките на првото коло од А групата.

Тите почна со тројца напаѓачи (Ричарлисон-Фирмино-Диего Нерес) и Кутињо како организатор на играта. Во првите десет минути „кариоките“ имаа три големи шанси, но боливискиот голман Лампе чудесно бранаше. Потоа настана мртвило од натпревар, гледачите се досадуваа, а Бразилците беа немоќни да го пробијат боливискиот бункер. Така со 0-0 и негативни вибрации заврши првиот дел.

Почетокот од второто полувреме и една ВАР-одлука го смени натпреварот. Судијата Питана од Аргентина досуди најстрога казна за Бразил заради играта со рака на Жусино, Кутињо го претвори пеналот во гол и домаќините поведоа (1-0). Брзо Боливија тактички се растури и само две минути подоцна, Фирмино центрираше, а Кутињо со глава ја зголеми предноста (2-0).   

Шанса од клупата доби Габриел Хесус, а можност со глава имаше и Маркињос. Конечниот резултат го постави Евертон со вистинско ремек дело, дриблинзи и „бомба“ со десната нога за победа од конечни 3-0.

  • Извештај од натпреварот: 

Венецуела и Перу утревечер од 21:00 часот по средноевропско време го играат вториот натпревар од првото коло во А групата.