• Иван Димовски

Фудбалерите на Струга Трим Љум триумфираа на домашниот натпревар против Академија Пандев (1-0), во рамките на 17. коло на ПМФЛ. На ладното време и калливиот терен крај Охридското езеро, долго се играше егал, без вистински шанси на двете страни. Сепак, стоперот Дарко Илиески го одлучи натпреварот со погодок по прекин со глава. Со оваа победа стружани станаа есенски првак во првенството, бидејќи имаат +5 пред последното коло годинава. Иако Шкупи има натпревар помалку, истиот нема да го одигра овој месец.
Тренерот Срѓан Захариевски тргна офанзивно, со стандардните 3-4-3. Најистурени во составот беа Малески, Шабани и Бесарт Ибраими, со Јахја и Бојку како главни поддржувачи на нападот. На спротивната страна „пандевци“ нападнаа со Димитар Митровски, Ѓорѓиевски и Велиновски. Првото полувреме започна израмнето, со игра главно на средината на теренот, без премногу ризици и со неколку полушанси. На првите вистински возбудувања се чекаше до крајот на полувремето, меѓутоа и тогаш немаше директен шут кон противничкиот гол. Брза контра повлекоа стружани, излетаа со двајца фудбалери пред голот на гостите, ама погрешен пас пресуди да пропадне оваа колосална шанса.
Стружани и во второто полувреме се обидуваа да го скршат гостинскиот отпор. Притискаа, повеќе ја имаа топката во нозете и правеа акции, меѓутоа речиси сите завршуваа во последната третина од натпреварот. Како што одминуваше времето, на калливиот терен во Струга, почна да расте и тензијата. Сепак, конечно пукна отпорот на „пандевци“, по 70 минути игра. Бесмир Бојку изведе слободен удар од позиција на скратен корнер, а највисок во скокот беше Дарко Илиески кој со глава го матира противничкиот голман за 1-0.
До крајот на натпреварот Академија Пандев не успеа да креира шанса со која ќе го загрози голот на Мирселовски. Така, лидерот во ПМФЛ ја задржа предноста над ривалите, поточно со 36 бода остана на +5 во однос на Шкупи, а +8 во однос на Шкендија.