ВМФЛ: Лидерот падна во Прилеп, Саса ја декласира Брегалница! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Победа приредија изненадување и го победија лидерот во ВМФЛ, Македонија Ѓорче Петров во Прилеп со 2-1 (0-1). „Лавовите“ допатуваа на ова гостување како фаворит, ама останаа со празни раце иако први поведоа со голот на Ѓорѓи Дошев во 27. минута. Прилепчани одиграа храбро во второто полувреме, рано израмнија преку Леонид Кофиловски, а потоа во 82. минута Филип Димоски со помош на блокот го комплетира пресвртот. 

Своевидно изненадување имаше и на пресметката меѓу Саса и Брегалница, која домаќинот ја доби со убедливи 4-0. Тимот од Македонска Каменица одигра перфектен натпревар, уште во првиот дел поведе со два гола преку Кристијан Таневски и мајсторијата на Андреј Симевски. Капитенот погоди и вторпат во вториот дел, а во завршницата Давид Голубов го постави конечниот резултат.

  • Саса - Брегалница 4-0:

Екипата на Башкими профитира од оваа рунда и скокна на второто место со победата над Арсими од 2-1. Мрежите во Куманово мируваа по првиот дел, а потоа Шенон Саити донесе домашна предност. Пред финишот Башкими со мајсторскиот гол на Ардит Демири од слободен удар стигна до двојна предност, за потоа поразот да го ублажи Ардијан Цуцули од белата точка.

  • Башкими - Арсими 2-1:

Пресврт победа забележа екипата на Охрид против Беласица од 2-1. Поведоа струмичани со голот на Коцев по осум минути игра, меѓутоа во вториот дел домашните режираа пресврт. Првиот гол падна во 70. минута по конфузија, а вториот во 84. и двоен стрелец беше Оливер Дишлиевски.

  • Охрид - Беласица 2-1:

Вардар Неготино даваше по еден гол во двете полувремиња и славеше со 2-0 против екипата на Скопје. Стрелци за домашните беа Глигор Шиков и Мартин Младеновиќ.

  • Вардар Неготино - Скопје 2-0:

Убедлива победа на гостински терен забележа Детонит Плачковица кај Вардарски во Богданци (1-4). Двоен стрелец за радовишани беше Дамјан Масевски, по еднаш погодија Давид Јошевски и Александар Смилков. За Вардарски единствениот гол го даде Мирон Илиевски.

  • Вардарски - Детонит Плачковица 1-4:

Натпревар без голови одиграа Осогово и Кожув (0-0), а нерешено заврши и дуелот меѓу Новаци и Борец (1-1). Головите ги постигнаа Стефан Јовановски за Новаци и Милан Чичевски за Борец.

Лидер и натаму е Македонија Ѓорче Петров со 41 бод, но сега Башкими е близу со 39, а третопласирана е Брегалница со 37. По водечката тројка следат Арсими со 33, Саса со 31, Детонит со 29...